Еврокомесарот Јоханес Хан ги предупредува земјите членки на ЕУ дека одложувањето на почетокот на преговорите на Северна Македонијаи Албанија со ЕУ би можело да донесе „драматични последици“ за целиот регион. Тој во интервју за новинската агенција Европа вели дека се работи за кредибилитетот на ЕУ, затоа што земјите членки сами го одредија јуни 2019 како датум за одлуката за отворање пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија, и како што вели, одложувањето би можело да има драматичен импакт врз целиот регион.
Ваквата реакција следи по пораките што пристигнаа од Париз вчера дека земјата останува резервирана за отворањето преговори со Северна Македонија и Албанија во јуни годинава.
Еврокомесарот Хан, кој нема да присуствува на неформалниот самит во Берлин в понеделник посветен на Балканот, затоа што проширувањето не е на агендата, предупредува дека ЕУ, и посебно скептичните земји, треба да внимаваат да не ја запостават оваа политика кон регионот, посебно пред конкуренти како Русија, Кина и Турција кои не се заинтересирани на европските вредности и норми.