Приведен гласач во кумановско Тромеѓа, го сликал гласачкото ливче

Илустрација: Гласање

Полицијата привела едно лице во гласачко место во кумановското село Тромеѓа, кое го фотографирало гласачкото ливче, информираат од Општинската изборна комисија (ОИК) Куманово.

За случајот, како што додаваат оттаму, е во тек подготовка на записник.

Случајот го потврдија и од Министерството за внатрешни работи од каде информираат дека настанот се случил во 16:49 часот, кога лицето со иницијали М.Д., на избирачкото место 1080 во село Тромеѓа со мобилен телефон го сликало гласачкото ливче, по што бил приведен во СВР Куманово.

Според податоците на Државната изборна комисија, до 17 часот, излезеноста во Куманово е 30,82 проценти, во Липково, 13,55, а во Старо Нагоричане, 33,31 проценти.

Во Куманово денеска можат да гласаат 86.009 граѓани на 167 избирачки места. Во Липково, право на глас имаат 25.363 граѓани кои гласаат на 36 избирачки места, а во Старо Нагоричане право на глас имаат 3.329 граѓани кои гласаат на 38 избирачки места.