Граѓанската организација МОСТ, која со свои членови ги следи претседателските избори, ги демантира информациите дека на првата прес-конференција одржана во 9 часот било известено за прекин на гласање поради неработење на УВ ламба и за графит со политичка содржина. На првата прес-конференција МОСТ извести само за гласачкото место 2344 во општина Студеничани.
Според потврдените информации, добиени од набљудувачите и регионалните канцеларии на МОСТ, на гласачките места забележано е следното:
· ГМ 2344 во општина Студеничани не се отвори до 10 часот и поради тоа на ова ГМ денес нема да се спроведува гласање.
· На ГМ 0531, с. Здуње, општина Гостивар, член на избирачкиот одбор ги откинал првите три гласачи ливчиња заедно со серискиот број и истите биле искористени за гласање. Известена била општинската изборна комисија, направен бил записник и гласањето продолжило.
Според податоците добиени од ПВТ програмата (паралелно сумирање на гласовите), која претставува математичко-статистички научен метод, одѕивот на гласачите до 9 часот е 3,7%, додека до 10 часот е 6,6%.
Следната прес-конференција на МОСТ ќе се одржи во 14 часот.