Вкупно 6 „бомби“ се објавени на Јутјуб

Вкупно 6 нови прислушувани разговори познати како бомби се објавени на Јутјуб од корисник со псевдонимот „Илија Громовник“.На овој канал сите разговори се објавени пред два дена, додека на руската социјална мрежа „ВКонтакте“ беа објавени само 4 од нив.

Во еден од новите два прислушувани разговори именуван како „Комитети“ се слуша како двајца мажи се договараат за предупредување дека на одреден протест не треба да излегуваат членовите на ВМРО-ДПМНЕ затоа што биле забележани луѓе со фантомки. Во вториот разговор именуван како „Стојменов и Јово превара“се слуша како двајца мажи разговараат за бришење на казна која ја одредила УЈП и промена на некоја пресуда.

Во еден од претходните објавените разговори е наведено дека наводно се водени меѓу поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и сегашниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, другиот е меѓу професор Љубомир Фрчкоски и аналитичарот Алберт Муслиу, третиот меѓу поранешниот претседател Бранко Црвенковски и негова соработничка, а на четвртот разговор веројатно се слуша гласот на поранешен директор на ЕЛЕМ.

Според објавените разговори, се чини дека станува збор за досега необјавени материјали. Ова не е прв случај на интернет од непознати профили и адреси да бидат пуштани прислушувани разговори во кои се функционери од опозицијата или власта.