Филипче: Невакцинирани деца нема да бидат примени во училиште

Венко Филипче

Ниту едно дете нема да биде примено во градинка и во училиште невакцинирано изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче по вчерашното прогласување на епидемија од морбили на државно ниво. Тој денеска посочи дека ваквата одлука е донесена според одлуки на Уставниот суд до 2014 и 2015 година .

„Јасни се одлуките на Уставниот суд дека никој нема право да го загрозува јавното здравје, ниту има право со својата волја да го загрозува правото на детето да биде здраво“, изјави денеска министерот Филипче по одбележувањето на Светскиот ден на хемофилија.

Филипче појасни дека и покрај контрадикторноста со законот за задолжително образование за секое дете, сепак здравјето е поважно и дека постои позитивна законска регулативаспоред која ова решение е можно.

„Има многу прецизно дефинирани членови во законите за здравствена заштита и за заштита на населението од заразни болести, во правилиците за имунизација, каде таа е задолжителна, дека децата мора да се вакцинираат, вели Филипче.

Тој додаде дека во државава има доволно МРП вакцини, но и дека во тек е нова набавка која во петок ќе биде дистрибуирана до сите центри за јавно здравје.