Хан:Договорот од Преспа пример за решавање спорови

Еврокомесарот Јоханес Хан се надева дека Договорот од Преспа како решение на долгогодишен спор може да послужи како пример за решавање на проблемите на Балканот вклучувајќи го и, како што вели, „застојот “ во дијалогот меѓу Србија и Косово, кој е предизвикан од царинските такси. Решавањето на трговското прашање стана предуслов за рестартирање на договорот меѓу Косово и Србија. Хан во интервју за Вашингтон пост вели дека САД го поддржаа процесот за тоа што денеска се нарекува Северна Македонија и дека ја поддржуваат ЕУ и нејзината улога во Балканот.

Во однос на можните преиспитувања на границите меѓу Србија и Косово, Хан истакна дека правно обврзувачки договор меѓу двете земји треба да ги покрие областите во и надвор од границата со взаемно почитување на правата на малцинствата.

„Можна размена на територии, може во секој случај, ако сакате, да биде последното парче во големата слика. Единствен предуслов што го покренавме е каков и да донесат билатерален договор тој да придонесе за поголем мир и стабилност во регионот. Политичкиот договор што доаѓа по цена на другите ќе биде неприфатлив за ЕУ“, вели Хан во интервјуто.