Израел бомбардирал воени цели во Сирија

Шестмина сириски војници биле ранети, а неколку објекти се уништени во израелски напад врз воен комплекс во централна Сирија, објави сириската државна новинска агенција САНА. Воен претставник за агенцијата изјавил дека Израел ја нападнал воената академија во близина на градот Масјаф во провинцијата Хама.

Сириската опсерваторија за човекови права со седиште во Велика Британија соопшти дека Израел нападнал три цели и ранил 17 сириски војници. Според нив, има и загинати, но не се знае колку, како ни дали тие се Иранци или борци спонзорирани од Иран.

Израелската армија одби да коментира. Израел обично не ги коментира извештаите за воздушни напади во соседна Сирија, иако неодамна потврди дека напаѓа ирански цели таму.

Иран е близок сојузник на сирискиот претседател Башар ал-Асад. Техеран испраќа воени советници, како и илјадници борци од регионот за да им помогнат на владините сили во Сирија во осумгодишниот конфликт.