Ким Џонг Ун спремен за нов Самит со Трамп

Вториот самит меѓу Трамп и Ким на крајот на февруари во Ханој на 28 февруари 2019

Лидерот на Северна Кореја Ким Џонг Ун изрази спремност за трет состанок со американскиот претседател Доналд Трамп, под услов Вашингтон да дојде на преговарачката маса со „добар став“, јави денеска севернокорејската државна новинска агенција КЦНА.

Ким рекол дека ќе го почека крајот на годината за „САД да донесат храбра одлука“ за нов состанок.

Вториот самит меѓу Трамп и Ким на крајот на февруари во Ханој заврши без договор поради несогласувањата околу укинувањето на санкциите кое го бара Северна Кореја. Трамп рече дека Пјонгјанг побарал укинување на сите санкции наметнати поради забранетата нуклеарна и балистичка програма, додека Северна Кореја соопшти дека побарала делумно укинување на тие санкции.

„Спремни сме за уште еден обид ако САД предложат организирање трети самит со добри намери и заемно прифатливи услови“, рекол Ким во говорот пред Парламентот.

Тој додаде дека неговиот личен однос со Трамп останува силен, наведувајќи дека може еден на друг да ги пишуваат писма кога ќе посакаат.

На средбата со јужнокорејскиот претседател Мун во Вашингтон на 11 април, Трамп изрази подготвеност за трет самит со Ким, но рече дека санкциите против Пјонгјанг продолжуваат.

На првиот самит на 12 јуни минатата година во Сингапур, двајцата лидери постигнаа договор за денуклеаризација на Корејскиот Полуостров, но формулациите во заедничката декларација останаа нејасни, така што двете страни различно ги толкуваат.