ВМРО-ДПМНЕ демантира дека се прифатени нивните забелешки за СЈО

ВМРО-ДПМНЕ демантира дека се прифатени дел од нивните забелешки за Законот за јавно обвинителството, со кој треба да се реши статусот на СЈО. Во соопштението од опозициската партија се наведува дека ја демантираат изјавата на премиерот Зоран Заев дека се прифатени дел од забелешките на ВМРО-ДПМНЕ.

Од ВМРО-ДПМНЕ наведуваат дека или Заев го нема прочитано новиот Предлог кој министерката за правда, Рената Десковска го достави до претставникот на ВМРО-ДПМНЕ или пак, како што велат, Заев продолжува свесно да не ја говори вистината во јавноста и фингира дека наводно власта е кооперативна. За ВМРО-ДПМНЕ е неприфатлива реториката на власта и принципот земи или остави.Од партијата додаваат и дека „власта може на вештачки начин да оформи двотретинско мнозинство, но тоа нема да донесе квалитет на реформите, ниту пак ќе им даде легитимитет без договор со ВМРО-ДПМНЕ“.

Претходно премиерот Зоран Заев изјави дека во новата верзија на Законот за јавно обвинителство, се прифатени голем дел од сугестиите на ВМРО-ДПМНЕ.