Бегалците и мигрантите го напуштаат времениот камп кој се наоѓа во близина на бегалскиот прифатен центар Диавата во близина на Солун, јавува грчката агенција АНА-МПА. Според агенцијата, околу 300 луѓе веќе заминале или чекаат автобуси да заминат. Тие се собраа во Диавата со надеж дека ќе го продолжат нивниот пат кон западна Европа.
Во текот на вчерашниот ден бегалците и мигрантите се судрија со грчката полиција која одговори со солзавец, при што, како што се јавува, повреден е еден фоторепортер. До инцидентот дојде откако дел од насобраните фрлале камења и шишиња кон полицискиот кордон во обид да го пробијат и да тргнат кон границата со Северна Македонија.
Мигрантите и бегалците дојдоа во Диавата од четвртокот, по лажните информации дека ќе имаат организирано патување до западните земји преку македонско-грчката граница, а инциденти имаше и во петокот. Македонските власти соопштија дека будно ја следат ситуацијата на јужната граница и дека се подготвени за реакција и во случај на зголемен притисок.