Пендаровски со осум клучни проекти ако стане претседател

Архивска фотографија- Стево Пендаровски, кандидат за претседател на владејачкото мнозинство

Претседателскиот кандидат на владејачкото мнозинство Стево Пендаровски денеска претстави осум проекти кои ќе почне да ги реализира во првите осум месеци од преземањето на претседателската функција, ако победи на претседателските избори кои ќе се одржат на 21 април.

Пендаровски планира да организира форум за натпартиски политички дијалог во кој ќе бидат вклучени и академската и стручната јавност, бизнис заедницата, синдикатите и граѓанските организации. Понатаму, тој планира да воведе директни средби со граѓаните, со однапред утврден годишен календар на средби, претседателски центар за континуирано политичко образование, фонд за стипендирање студенти истражувачи, годишна конференција за научен и технолошки напредок, волонтирање за солидарно општество и неколку други.

Информира дека ќе назначи посебна советничка за родова еднаквост и промоција на учеството на жените во политиката, а во неговиот кабинет ќе подготви стратегија за поттикнување на учеството на жените во политиката. Тој нагласи дека ќе ги поддржи заложбите за задолжително учество најмалку 50 проценти жени на изборните листи и за парламентарните и за локалните избори.Кабинетот на претседателот, истакна Пендаровски, ќе го отсликува мултикултурниот карактер на нашето општество.