Мигрантите кои блокираа железничка станица во Атина се вратиле во камповите

Архивска фотографија-бегалци и мигранти на железничката страница Ларисис во Атина

Мигрантите кои ја заземаа пругата на железничката станица Ларисис, во главниот грчки град Атина со барање да им биде овозможено да заминат кон северна Грција, а потоа и кон западните земји, вчера попладне заминаа од пругата и со автобуси беа вратени во прифатните центри, јавува грчката агенција АНА-МПА. Од вечерта сообраќаат и возовите кои беа во прекин во текот на денот, а според најавите тргнал и возот од Атина кон Солун.

Вчера министерката за цивилна заштита на Грција, Олга Геровасили, изјави дека на бегалците и мигрантите од прифатниот камп Диавата нема да им биде дозволено да заминат од таму, како и на на оние од железничката станица во Атина да заминат за Солун.

Македонскиот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски пак, вчера рече дека полиција ја следи ситуацијата на македонско-грчката граница и дека таа е под контрола.

Во текот на вчерашниот ден дојде и до судир на мигрантите со грчката полиција во близина на Солун. До тоа дојде откако мигрантите од кои повеќето веќе имаат побарано азил во Грција се обидоа да стигнат до оградената граница со Северна Македонија за да се обидат да стигнат потоа и до западните земји. Како што се јавува, тие биле поттикнати од анонимните повици на социјалните медиуми за организирано патување на мигрантите низ балканските земји до западниот дел на Европа.