МИОА: Бројот на вработени во јавниот сектор поголем за над 3.300 луѓе

Министерот Дамјан Манчевски

Минатата година во јавниот сектор имало повеќе вработени во однос на 2017 година, односно вработени се 3.346 луѓе повеќе. Најмногу вработени имало во труд и социјала и образование, посочи министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски на денешната прес конференција.

"Од вкупната бројка на зголемување 2.156 лица се распределени во дејностите за труд и социјала и образование. Новите вработувања во дејноста труд и социјала се во 30-те центри за социјална работа, девет установи за социјална заштита и 67 градинки на теротиријата на целата држава", истакна Манчевски.

Бројот на вработени во органите на државна власт во 2018 година изнесувал 16.594, наспроти бројката на вработени во јавниот сектор, што изнесува 132.068. Манчевски истакна дека е намаленбројот на вработени во министерствата за труд и социјална политика, за животна средина и просторно планирање, за земјоделство, шумарство и водостопанство, за надворешни работи, за образование и наука и за одбрана.

Министерот за информатичко општество и администрација вели дека процентот на жени вработени во јавниот сектор е поголем од процентот на мажи, а во однос на образование, минатата година бил зголемен бројот на вработени со високо образование и вработени магистри.