Владата со апел до граѓаните поради пожарите

Владата го осуди палењето на стрништа или оган на отворен простор кои предизвикуваат пожари, и воедно упати апел дека институциите редовно ги следат сите локации низ земјава со цел да се превенираат предизвикани пожари. Од Владата потенцираат дека лица кои ќе се затекнат како палат оган на отворен простор и кои предизвикуваат пожари поради палење на стрништа, ќе подлежат на законски санкции.

Граѓаните, доколку забележат одредени сомнителни места во кои е присутен оган или дим, веднаш да ги известат надлежните служби во најблиските институции и установи или да се јават на телефонскиот број 195, како број за итни повици на Центарот за управување со кризи. Граѓани можат да пријават и лица кои потпалуваат стрништа и оган на отворено во најблиските полициски станици или на телефонскиот број 192.

Од страна на Министерството за внатрешни работи, годинава за предизвикани пожари биле поднесени кривични пријави против 8 сторители.