Втор круг претседателски избори во Словачка

Активистката за борба против корупцијата Зузана Капутова, најверојатно ќе стане првата жена претседател на Словачка, покажуваат анкетите на јавното мислење пред денешниот втор круг на гласање за изборите. Двете анкети покажуваат дека 45-годишната адвокатка и активистка ќе добијат околу 60 отсто од гласачките ливчиња на Словаците. Проевропската кандидатка Капутова го освои првиот круг на гласање на 17 март со 40,6 отсто, пред комесарот на Европската унија, Марос Шефчовиќ, кој освои18,7 отсто.

Педесет и двегодишниот Шефчовиќ е поддржан од владејачката популистичка левичарска партија Смер-СД, која е најголема партија во парламентот. Капутова пак им се придружи на десетици илјади демонстранти на митингот минатата година по убиството на истражувачкиот новинар Јан Куцијак и неговата свршеница во февруари 2018 година. Тие беа пронајдени убиени во нивниот дом во близина на главниот град Братислава. Новинарот ја истражуваше политичката корупција за време на убиствата, што ги поттикна најголемите улични протести во Словачка по падот на комунизмот во 1989 година и политичката криза што доведе до колапс на владата на поранешниот премиер Роберт Фико.