Десет отсто од информациите во медиумите се со цел да презентираат неточни информации и таа бројка загрижува, изјави министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски. Тој имаше обраќањето во Атина на конференцијата на тема „Лажни вести за Договорот од Преспа“. Според податоците кои ги презентираше тој во земјава зголемен број на лажни вести имало во периодот на референдумската кампања и периодот на усвојување на уставните измени во Собранието, како и ратификувањето на Договорот во грчкото Собрание.
Манчевски и грчкиот министер за дигитални политики, телекомуникации и медиуми, Никос Папас нагласија дека заедничката конференција е потврда за пријателството помеѓу Северна Македонија и Грција, како резултат на Договорот од Преспа.
Манчевски вели дека лажните вести биле моќна алатка на непријателите на Договорот од Преспа.
„Можеби треба да размислиме да доделиме Нобелова награда за лажни вести. Има многу кандидати и тешко ќе биде да го избереме победникот“, изјави грчкиот министер Папас.
Тој вели дека заедничка цел е да се направи мост за соработка со неутрални и точни информации.