Телефонска препирка на Помпео и Лавров за Венецуела

По телефонскиот разговор меѓу американскиот државен секретар Мајк Помпео и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, со соопштение се огласи Москва. Во него е наведено дека разговорот се одржал по американска иницијатива и дека Лавров му се пожалил на Помпео за „обидите на Вашингтон да организира државен удар во Венецуела“. Во продолжение е наведено дека „таквите потези се кршење на повелбата на ОН и нескриено мешање во внатрешните работи на суверена држава“.

Во соопштението на руското министерство за надворешни работи е наведено дека и признавањето на САД на израелскиот суверенитет над спорната Голанска Висорамнина, доведува до „флагрантно кршење на меѓународното право, го попречува решавањето на сириската криза, ја влошува ситуацијата низ Блискиот Исток“.

Претходно портпаролот на Стејт Департмент Роберт Паладино соопшти дека Помпео во телефонскиот разговор со Лавров рекол дека испаќањето на воен персонал на Москва во Венецуела ги зголемува тензиите и предупредил дека Вашингтон нема да „стои на страна“.

Телефонскиот разговор меѓу Помпео и Лавров доаѓа откако венецуелските власти соопштиле дека руски авиони пристигнале во Каракас викендов како дел од тековна воена соработка. Информациите дека два руски воени авиони пристигнале во Каракас не е потврдена од друг извор. Русија јавно го поддржува венецуелскиот претседател Николас Мадуро. САД и десетици други држави го поддржуваат опозицискиот лидер Хуан Гваидо.