Во Центар за 5 години завршени речиси 1200 станови и уште ќе се гради

Од 2013 до денес 136 нови згради во Центар

Уставниот суд времено го укина мораториумот за градење во општина Центар. Градоначалникот порача дека е разочаран и дека општината не се откажува од мораториумот. Во меѓувреме ликот на општината и сега се менува.

Општина Центар издала 136 одобренија за изградба на станбени згради од крајот на јуни 2013 година до денес, според податоците до кои дојде Радио Слободна Европа. Ако се земе в предвид дека новиот градоначалник Саша Богдановиќ воведе мораториум во декември 2017 година излегува дека во просек до тогаш се издавале по 30 дозволи годишно. Во истиот период се завршени 1991 стан кои се градени од деловни субјекти, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. Најмногу станови 352 биле завршени во 2015 година, а најмалку претходната 2014 кога бројката изнесува 107 станови.

​Уставниот суд донесе вчера одлука времено да го укине мораториумот, кој се однесува на 31 ДУП и ја опфаќа територијата на речиси цела општина. Богдановиќ денеска изјави дека се изненадени и разочарани од одлуката, бидејќи мораториумот бил во интерес на сите граѓани. Тој порача дека година ипол работеле на измените на деталните планови со цел лошите планови да се заменат со нови и веќе почнале да постигнуваат резултати.

„Минатата седница на Советот на општина Центар беа донесени два плана Мирче Мацан и Ново маало и со тоа јасно се покажаа разликите кои ги постигнуваме со ревидирање на плановите. Тие во целост одговараат на потребите на граѓаните. Од државното земјиште коешто сега е во владеење на општина Центар избришавме објекти, згради и хотели со огромни габарити, а на нивно место нацртавме паркови и зеленило“, порача Богдановиќ.

Според него, општината не се откажува од мораториумот и ќе ги искористи сите правни можности за да се донесат подобри урбанистички планови. Мерките кои ќе се преземат, како што посочи Богдановиќ, ќе бидат познати откако официјално ќе ја добијат одлуката на Уставниот суд, а до тогаш мораториумот ќе биде на сила.

Видете и ова: Во Аеродром во радиус од 500 метри 29 нови згради

Архитектката Даница Павловска смета дека со одлуката се препознава една некозистентност и неопределеност на генералните политики на државата за следење на трендовите за поздраво и похумано живеење на граѓаните.

„Значи ова беше обид да се доближиме до некои повисоки стандарди и можеше да се најде некое друго решение. Претставува поништување на идејата којашто ја пласираше општина Центар. Мене ми е многу жал што е вака одлучено и се надевам дека барем со оние два корегирани детални урбанистички планови ќе се постигне некаков позитивен ефект“, истакнува Павловска.

Во меѓупериодот до донесувањето на конечната одлука постои опасност да се направи дисбаланс со издавањето на нови градежни дозволи, додава Павловска.

„Оние коишто чекаат и да имаат некакви економски аспект, коишто можат да бидат бенефит за некого. Но, дефинитивно за нас со оглед дека се работи на спроведување на неквалитетни урбанистички планови претставуваат катастрофа“, порачува таа.

Богдановиќ пред 10 дена распиша и јавен повик за иницијативи за изработка на урбанистички планови. Тој го повика Уставниот суд да ја преиспита одлуката, а коморите да ја повлечат нивната иницијатива.