Реакции од ЕУ, ОБСЕ и Совет на Европа по пресудата за Караџиќ

Радован Краџиќ.

Портпаролката на Европска унија, Маја Коцијанчич изјави дека ЕУ во целост ја почитува одлуката на Меѓународниот механизам за воени злосторства. Таа по изрекувањето на пресудата за поранешниот лидер на босанските Срби, Радован Караџиќ ги повика лидерите од Западен Балкан да ги поддржат одлуките на меѓународниот трибунал и да не го доведуваат во прашање непристрасниот процес на одлучување.

Комесарката за човекови права на Советот за Европа, Дуња Мијатовиќ изјави дека во одлуката на Хашкиот суд за доживотен затвор за Радован Караџиќ надвладеа правдата и дека борбата против негирањето на воените злосторства сега е поважна од кога било.

„Денешната пресуда на судот на Обединети нации со која се поддржува пресудата за Караџиќ за геноцид и воени злосторства, вклучително и геноцидот во Сребреница и опсадата на Сараево полажува дека надвладеа правдата“, напиша Мијатовиќ на Твитер.

Шефот на Мисијата на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) во Босна и Херцеговина, Брус Бертон денеска изјави дека пресудата за Радован Караџиќ претставува уште еден важен чекор кон приведување на правдата на лице кое е најодговорно за геноцид и други најтешки воени злосторства извршени во БиХ.