Поповски: Набавките за УБК беа барани и по устен пат од Мијалков и Грујовски

Ѓоко Поповски на едно од судењата за предметите на СЈО

Договорите, барањето за понуда, и сертификатите за краен корисник со фирмата „Финзи” за набавка на опрема за УБК се подготвени од Комисијата за јавни набавки и службата во МВР, истакна денеска поранешниот помошник министер за внатрешни работи Ѓоко Поповски во сведочењето за предметот „Трезор” на СЈО.

Појаснувајќи ја процедурата за набавка на опрема за потребите на УБК, Поповски посочи дека барањата ги добивале по писмен пат со документ, но и со усни барања од тогашниот директор на Управата, Сашо Мијалков, и од началникот во УБК, Горан Грујовски. Потоа посебна Комисија за набавки во МВР ја извршувала набавката.

Во „Трезор“ првообвинет е Мијалков, како и поранешниот шеф на неговиот кабинет Тони Јакимовски, поранешниот помошник-министер во МВР Небојша Стајковиќ, како и Грујевски.

Тие се товарат за злоупотреба на службената положба и овластувања и предизвикување штета на буџетот од околу 800 илјади евра за набавката на електронско-комуникациска опрема за потребите на Петтата управа при УБК и обука за нејзино користење од фирма од Велика Британија.