Министерот за надворешни работи Никола Димитро и вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи, во рамки на посетата во Брисел учествуваа на работен појадок со министрите за надворешни работи на земјите членки на Европската Унија, во организација на Грција и Романија. Како што информираат од владината прес-служба, на работниот појадок Димитров брифирал за тековните достигнувања во контекст на евроинтеграциите, за спроведувањето на договорот од Преспа, како и за генералните очекувања од земјите членки во насока на донесување одлука за почеток на пристапните преговори во јуни оваа година.
„Нашата работа е да ве убедиме дека она што го имаме денес во Северна Македонија е можност за ЕУ. Нашата цел е да се трансформираме и да станеме европски во начинот на кој функционира нашиот систем. Во последната деценија Европа постојано се менува станувајќи на некој начин движечка цел што треба да ја следиме. Но, нашите интереси остануваат исти, ни треба трансформативната моќ на ЕУ за создавање на европски, стабилен и просперитетен Балкан“, истакнал Димитров.
На појадокот обраќање имал и вицепремиерот Бујар Османи, кој направил осврт на динамиката и квалитетот во имплементацијата на реформите, согласно планот 18.