Заев: Ќе направиме се изборите да бидат кристално чисти

Архивска фотографија- премиерот Зоран Заев

Премиерот Зоран Заев вели дека власта ќе направи се претседателските избори да бидат кристално чисти и демократски, затоа што, како што потенцира нивниот кандидат е огромен фаворит и сакаат тој да победи на едни такви избори.

Фаворитската улога, како што рече во емисијата „Само Вистина“ на ТВ Канал 5, произлегува од тоа што Стево Пендаровски многу добро котира и кај Македонците, но и кај Албанците, Турците, Бошњаците и останатите етнички заедници во земјава, но и поради тоа што зад неговата кандидатура застанала 31 политичка партија.

Одговарајќи на прашањето дали главната битка меѓу кандидатите ќе се води по прашање на поддршката на Преспанскиот договор и промената на името, тој рече дека тоа е едно од прашањата кое ќе влијае на одлуката, бидејќи кандидатката која е поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, професорката Гордана Силјановска Давкова и Пендаровски имаат сосемма различни ставови.

Тој рече дека Силјановска Давкова не го почитува Уставот и оти тоа не е во ред од нејзина страна.

”Ние имаме нов Устав. Уставот е највисок правен акт што мора да го почитуваме да му се поклониме и готово. Тоа е тоа. Имало многу одлуки што ги носела државата, некому тие му се допаѓале многу, некому не, но тие треба да се почитуваат”, рече Заев.