Белгија треба да го ратификува протоколот за НАТО до крајот на годината

Пристапниот протокол за членството на Северна Македонија во НАТО треба да биде ратификуван од белгискиот Парламент до крајот на оваа година, но прецизни рокови сѐ уште нема, јавува МИА.

“За разлика од првичните шпекулации во јавноста, за пристапниот протокол не треба да гласаат сите седум парламенти на земјата, туку само федералниот. Само федералниот парламент треба да ратификува, а целата процедура би требало да биде завршена до средбата на лидерите на НАТО во Лондон на крајот на година,” стои во писмениот одговор од белгиското МНР до МИА.

Белгиски дипломатски извори за МИА велат дека не се очекуваат никакви пречки, ниту политички ниту технички, за сега во процесот на ратификација и дека за сега не е закажан датум за ратификацијата во белгискиот парламент.