Шефицата на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, Вилма Русковска за дел од медиумите изјави дека нема причина да се сомнева на наодите на Бирото за јавна безбедност за опасноста од бегство на Митко Чавков.
,,Нема потреба да се правдаме. Обвинителството постапува по известување од полицијата”, вели Русковска и додава дека немаат причина да се сомневаат во полицијата.
Ексдиректорот на БЈБ, Митко Чавков, вчера беше однесен во истражниот затвор Скопје во Шуто Оризари.Судот на Чавков му одреди притвор поради тоа што до Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција стигнале оперативни податоци од полицијата дека планира да бега. Според оперативните сознанија на Бирото за јавна безбедност, Чавков има вила на Халкидики каде планирал да избега пред да му биде изречена пресудата за 27 април.