На претседателските избори со тројца кандидати

Прес-конференција на ДИК

Само тројца од девет кандидати ќе влезат во трката за претседател на државата на 21 април. Државната изборна комисија вчера потврди дека Гордана Силјановска Давкова, Стево Пендаровски и Блерим Река во предвидениот законски рок ги собрале потребните 10 илјади потписи.

Силјановска-Давкова, која е поддржана од ВМРО-ДПМНЕ собрала 15.926 потписи, а Стево Пендаровски, поддржан од СДСМ, собрал 31.729 потписи. Блерим Река, поддржан од Алијанса на Албанците и движењето Беса, собрал 11.128 граѓански потписи. Пендаровски и Силјановска-Давкова имаат поддршка и од најмалку 30 пратеници.

Во тек е јавниот увид во избирачкиот список, кој е отворен за увид до 14 март во 24 часот.