Франција отвори истрага за падот на авионот во Етиопија

Местото кадешто падна авионот на „Етиопијан ерлајнс“

Париското обвинителство отвори истрага за падот на авионот на „Етиопијан ерлајнс“ во Етиопија, со оглед дека меѓу 157-те патници и членови на екипаж, имало и француски државјани. Се работи за стандардна процедура во случај на смрт на француски државјани во странство, наведува АП. Француската Влада објави дека меѓу загинатите се и осум Французи.

„Етиопијан ерлајнс“ соопшти дека загинале седум Французи, а засега не е познато зошто постои разлика во бројот на загинати. Француската агенција за воздушни несреќи соопшти дека најверојатно ќе учествува во истрагата, која ќе ја води Етиопија, затоа што француската компанија „Сафран“ заедно со „Џенерал електрик“ ги произвела моторите за авионите Боинг.

Во авионот, кој вчера се урна во Етипоија, биле патници од 35 земји, од кои некои летале на самитот на ОН посветен на животната средина, кој денеска требаше да почне во Најроби.