Годишнина од депортирањето на македонските Евреи

Од одржаниот марш во 2018 година

Со повеќе активности денеска во Скопје ќе бидат одбележани 76 години од депортацијата на македонските Евреи, во организација на Еврејската заедница и Фондот на холокаустот.

Во Македонскиот народен театар ќе се одржи комеморативна свеченост на која се најавени обраќања на премиерот Зоран Заев, претседателката на Еврејската заедница Берта Романо Николиќ, Рабин Ендрју Бејкер, директор за меѓународни односи во Американскиот еврејски комитет, Роберт Сингер, потпретседател и главен извршен директор на Светскиот еврејски конгрес и Зеев Елкин, министер за Ерусалим и за заштита на животната средина на Израел.

По комеморацијата, во Меморијалниот центар на холокаустот ќе биде отворена постојана изложбена поставка.

Претходно, ќе биде положено цвеќе пред споменикот на 7.144 депортирани македонски Евреи, кај поранешниот скопски Монопол, каде ќе има обраќања на претседателот на Меѓународната асоцијација за сеќавање на холокаустот, амбасадорот Жорж Сантер и министерот за надворешни работи Никола Димитров. Цвеќе ќе биде положено и пред споменикот на паднатите броци во НОБ на Градските гробишта Бутел.

Активностите ќе бидат заокружени со комеморативен концерт во Меморијалниот центар на холокаустот, со обраќања на Романо Николиќ и градоначалникот на Скопје Петре Шилегов.