Експертите предупредуваат дека околу 2,6 милиони деца на Филипините се изложени на ризик од мали сипаници, додавајќи дека од почетокот на оваа година досега од оваа болест починале повеќе луѓе отколку во текот на целата 2018 година. Досега годинава од епидемијата на мали сипаници починало 261 дете, а најголем дел од жртвите се на возраст под 5 години, објави Меѓународната федерација на друштвата на Црвен крст и Црвена полумесечина (ИФРЦ) . За споредба, во 2018 година имало вкупно 202 смртни случаи.
Федерацијата сега има за цел заедно со Министерството за здравство на Филипините во следните 12 месеци да ги вакцинира сите невакцинирани деца во седум од најтешко погодените региони во земјата.
Гундо Вејлер, претставникот на Светската здравствена организација за Филипините посочи дека вакцината против мали сипаници постои со децении и овозможува речиси стопроцентна заштита од болеста, порачувајќи им на луѓето да ги вакцинираат своите деца.