ОЈО бара меѓународни потерници за Груевски и Бошкоски за “27 април”

Архивска фотографија- Меѓународна потерница за Никола Груевски

Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција денеска до Министерството за внатрешни работи доставил наредби за издавање на централни и меѓународни потерници за две лица за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело – терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста. Ова попладнево го соопшти Јавното обвинителство. Во нивното соопштение се наведува и дека по спроведената предистрага на 20 февруари годинава, надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донел наредба за спроведување на истражна постапка за петмина, меѓу кои и за овие две лица кои се недостапни на органите на прогонот.

“Тогаш, јавениот обвинител ценејќи дека се исполнети законските основи до судијата на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1 доставил предлог за определување мерка притвор за сите осомничени, при што на овие две лица им е определена мерка притвор во траење од 30 дена од нивното пронаоѓање”, велат од Обвинителството.

На 20 февруари Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поведе постапка за случувањата на 27 април 2017 година во Собранието за пет лица, меѓу нив и поранешниот премиер Никола Груевски, кој се наоѓа во бегство во Унгарија и поранешниот вработен во УБК, Никола Бошкоски, кој повеќе од една година е во Грција.

Покрај двајцата недостапни истражна постапка се спроведува и за поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски и за поранешните министри Миле Јанакиески и Спиро Ристовски.