САД и Јужна Кореја ги откажуваат редовните заеднички воени вежби

Архива: Американски и јужнокорејски војници учествуваат во зедничка воена вежба.

САД и Јужна Кореја ги откажуваат заедничките воени вежби кои редовно предизвикуваат лутина во Северна Кореја, соопшти јужнокорејското Министерство за одбрана.

Воените вежби, кои се одржуваат два пати годишно, ќе бидат заменети со помали маневри „со цел задржувањето на добрата воена подготвеност“ на трупите во Јужна Кореја, се вели во соопштението.

Одлуката е донесена за време на телефонски разговор меѓу двајцата министри за одбрана Џеонг Кјеонг-до и Патрик Шенехен, три дена по одржувањето на вториот самит на лидерите на САД и Северна Кореја, Доналд Трамп и Ким Џонг Ун. На самитот не беше постигнат договор, но двете страни оставија отворена врата за дијалог.

Пролетните американско-јужнокорејски маневри секоја година предизвикуваа лутина во Пјонгјанг, кој ги смета за генерална проба за инвазија во Северна Кореја.

Во вежбите во минатото учествуваа 200.000 јужнокорејски и 30.000 американски војници.