Пендаровски кандидат за претседател на владејачката коалиција

Средба на премиерот и претседател на СДСМ Зоран Заев со лидерите на коалиционите партнери

Заеднички кандидат на СДСМ и коалицијата и на ДУИ за претседателски кандидат за следните избори е Стево Пендаровски, изјави премиерот Зоран Заев вечерва на прес-конференција, на која беа и лидерите на другите партии.

Заев вели дека за првпат во историјата на земјата се обединиле различните и застанале зад еден кандидат, кој, како што вели Заев е надпартиски, европски и граѓански кандидат.

„Стево Пендаровски одлучи да влече напред, ги избра граѓаните, изразувам голема благодарност и за другите кандидати, Шекеринска, Спасовски, Димитров и другите, тие се големи луѓе, локомотиви на владата, кои одлучија да работат за реформите, за граѓаните и да дадат предност за надпартискиот кандидат Стево Пендаровски“, изјави Заев.

Зад одлуката Пендаровски да биде претседателски кандидат застанале 31 партија. СДСМ во недела одржува конгрес на која партиските тела треба да ја верификуваат одлуката за Пендаровски, за да биде конечна.