Прогласена епидемија на морбили во Куманово

Илустрација

Центарот за јавно здравје Куманово, денеска прогласи епидемија на морбили. Бројот на заболени од мали сипаници вкупно од почетокот на годинава, изнесува петнаесет, а последнава недела заболени се три лица. Новозаболено е првоодделенче и двајца здравствени работници од детското одделение од кумановската болница. Детето престојувало во целодневен престој во кумановска градинка.

Од вкупниот број заболени од почетокот на годинава, единаесет лица се од Куманово, а четири се жители на Општина Липково.

Меѓу заболените, седум деца се до едногодишна возраст, едно е првоодделенче, тројца се од 20 до 29 и четворица на возраст од 30 до 39 години. Заболените деца не подлежат на вакцинација, додека од возрасните едно лице не е вакцинирано и едно нецелосно е вакцинирано.

Надлежните од Центарот за јавно здравје и кумановската болница уште минатата недела најавија дека ќе биде прогласена епидемија од морбили, откако во февруари се зголеми бројот на заболени.

Надлежните од здравствените установи дале препораки до градинките да не се примаат невакцинираните деца и ги повикуваат родителите да ги вакцинираат децата.