САД сакаат договор меѓу Србија и Косово, но нема да пропишуваат како да изгледа решението

Мостот кој ги дели северна и јужна Митровица во Косово

САД би биле задоволни ако сеопфатен договор меѓу Србија и Косово биде потпишан годинава, но не пропишуваат и нема да пропишуваат како треба да изгледа решението, соопшти денеска Американската амбасада во Белград.

„САД би биле задоволни да видат сеопфатен договор потпишан во 2019 година, но за тоа да се случи мора да биде продолжен дијалогот. САД не пропишуваат и нема да пропишуваат како треба да изгледа решението, но веруваат дека тоа мора да биде применливо и на Косово и во Србија и дека мора да придонесе за долгорочната стабилност во регионот“, стои во пишаниот одговор од Амбасадата до редакцијата на новинската агенција Бета, на прашањето дали ЕУ и САД се подготвени да прифатат размена на територии меѓу Србија и Косово.

Американската амбасада наведува и дека „лидерите и нивните тимови треба да ги продолжат преговорите под покровителство на ЕУ и да истражат што е возможно и транспарентно да комуницираат со своите граѓани“.

Германскиот весник Франкфуртер рундшау објави дека ЕУ и САД се подготвени да прифатат размена на територии и дека во Вашингтон на 12 јуни треба да биде потпишан договор за промена на границите кој би стапил во сила шест месеци подоцна.