Русија ги обвинува САД дека планираат воена интервенција во Венецуела

Портпаролката на руското МНР, Марија Захарова

Русија денеска ги обвини САД дека ја користат помошта за Венецуела како покритие за воена интервенција против владата на левичарскиот претседател Николас Мадуро.

„Опасна провокација поттикната и предводена од Вашингтон се планира за 23 февруари“, изјави портпаролката на руското МНР, Марија Захарова, зборувајќи на напорите на опозицискиот лидер Хуан Гваидо да ја подигне американската помош, складирана на колумбиската граница.

Гваидо планира да ја пренесе помошта преку граница за да испровоцира судири, рече Захарова, што би било „лесен изговор за воена акција“. Таа не понуди никакви докази за овие наводи.

Русија е клучен поддржувач на владата на Мадуро.

Гваидо на 21 февруари тргна со конвој за да ја земе американската помош во храна и лекови складирана во Венецуела, ветувајќи дека ќе ја донесе помошта до 23 февруари.

Мадуро ја блокираше очајно потребната помош која доаѓаше од Бразил, а војската, која тој ја контролира, ја засили безбедноста на границата со Колумбија.

Захарова обвини дека САД приближиле специјалци и воена опрема „блиску до територијата на Венецуела“ и размислува за вооружување на венецуелската опозиција.