Екипи на Народниот правобранител се во затворот „Скопје“ и темелно ќе го истражат целиот случај, соопшти Народниот правобранител кој врз основа на објавите во медиумите и од јавувања на роднини на притворените лица самоиницијативно отвори предмет за вчерашниот инцидент со поранешните министри Миле Јанакиески и Спиро Ристовски.
Омбудсманот во допис до медиумите информира дека ќе се обезбеди целосната документација, ќе се разговара со лицата кои учествувале во инцидентот, со очевидци и службени лица, ќе се изврши увид на местото на настанот, а ќе се обезбедат и видеоснимки од камерите за надзор. Ќе бидат повикани на разговор директорите на Управата за извршување на санкциите, Затворот„Скопје“ и на сите други службени лица за да дадат податоци во постапката и за објективно да се утврди настанот.
Институцијата ги повика раководствата на казнено-поправните установи, Управата за извршување на санкциите и Министерството за правда сериозно да се зафатат со подобрување на затворскиот систем во целина, а притоа, како што нагласува, особено да се има предвид сериозноста на ситуацијата, преку преземање мерки за обезбедување на физичкиот интегритет на лицата, мониторирање, превенирање и спречување физичко и друг вид насилство кое може да го загрози здравјето и животот на лицето додека ја издржува мерката притвор или казната затвор.