Тензична расправа за имунитетот на Вељаноски

Скопје- собраниска комисија за мандатно имунитетни прашања

Во собраниската Комисија за мандатно-имунитетни прашања во тек е расправата за одземање на имунитетот на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Трајко Вељаноски, кој десет години беше претседател на Собранието, а претседаваше и со седницата која резултираше со крвавите настани на 27 април 2017 година.

Вељаноски, кој е осомничен како еден од организаторите на случувањата во Собранието, пред членовите на комисијата, рече дека ни на крај не му паднало дека такво нешто, како на 27 април, може да се случи во Собранието.

Пратеникот од владејачкото мнозинство Горан Мисовски на почетокот на седницата извади камен за кој тврди дека го чува од крвавите настани и дека со него бил гаѓан од демонстрантите. На седницата дојде до тензична атмосфера откако пратениците од ВМРО-ДПМНЕ почнаа да негодуваат за каменот, по што претседателот на комисијата Павле Богоевски даде пауза.

Инаку, поголем дел од дискусија се водеше за деловните прекршувања на денот на крвавиот четврток, а остануваат уште шест пратеници пријавени за збор.

Според Деловникот, Комисијата е должна да го разгледа барањето и во рок од два дена да достави извештај до претседателот на Парламентот. По добиениот извештај од Комисијата, Собранието најдоцна во рок од три дена треба да одлучува на пленарна седница. Вељаноски, заедно со Миле Јанакиески и Спиро Ристоски завчера беа приведени на распит по наредба на Јавното обвинителство под сомнение за вмешаност во настаните од 27 април 2017 година.

Вељановски се повика на пратеничкиот имунитет, додека на поранешните министри Јанакиески и Ристоски им беше одреден 30-дневен притвор.