Џафери ќе го врати барањето за иминутетот на Вељаноски, имало грешка

Архивска фотографија- поранешниот претседател на Собранието, пратеникот Трајко Вељаноски

Претседателот на Собранието Талат Џафери ќе го врати писмото со барањето од Кривичниот суд во Скопје за одземање на имунитетот на пратеникот Трајко Вељаноски, поради грешка во повикувањето на член од законот, информираат од кабинетот на претседателот на парламентот.

“Од моментот на ново доставување на писмото ние сме спремни да постапиме по сите рокови”, велат од кабинетот на Џафери.

Потоа барањето треба да седостави до Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања, која е должна да го разгледа барањето и во рок од два дена да достави извештај до претседателот на Парламентот. По добиениот извештај од Комисијата, Собранието најдоцна во рок од три дена треба да одлучува за барањето на судот на пленарна седница.

Поранешниот претседател на Собранието и актуелен пратеник Трајко Вељаноски, заедно со Миле Јанакиески и Спиро Ристоски вчера попладне беа приведени на распит по наредба на Јавното обвинитеклство под сомнение за вмешаност во настаните од 27 април 2017 година. Вељановски се повика на пратеничкиот имунитет, додека на поранешните министри Јанакиески и Ристоски им беше одреден 30-дневен притвор.