Русковска- законот за амнестија не важи за организаторите

Обвинителите Љубимир Јовески, Вилма Русковска и Бодан Лазаревски на прес конференција, 21.02.2019

Осомничениот Н.Г. како претседател на политичката партија во тој период ги повикал преку медиум граѓаните на протести и заедно со другите обвинети за таа цел ја ставиле во функција целата партиска структура. Ова денеска на прес конференција го кажа обвинителката Вилма Русковска за истражната постапка за организаторите на случувањата на 27 април 2017 година во Собранието. Таа додаде тој бил во постојан контакт со Миле Јанакиески и Спиро Ристовски инсистирајќи да ги споменува со иницијали, а не со целосно име и презиме.

“Имаме и пораки, дел се обезбедени, за тоа е и отворена истрагата, се уште се работи”, рече Русковска.

Државниот обвинител Љубомир Јовески, пак, рече дека по опсежна предистражна постапка се донела наредбата за спроведување истражна постапка и против организаторите, додавајќи дека за документирање на доказите им било потребно значително време, а најмногу за вештачењето на одредени телефони и нивната содржина.

Русковска најави дека и за осомничените Никола Груевски и Никола Бошкоски кои се наоѓаат во бегство, првиот во Унгарија, а вториот во Грција ќе се бара нивна екстрадиција. На новинарско прашање поврзано со амнестијата за 27 април, Русковска рече дека во законот е јасно нагласено дека тој не важи за организаторите.

Инаку, пет поранешни функционери на ВМРО-ДПМНЕ се осомничени за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста. Ристовски и Јанакиески се од вчера во притвор, поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски се повика на пратеничкиот имунитет, па сега се чека на одлуката на Собранието, а другите двајца не се во државата.