Груевски- доказите за вмешаноста во “27 април” да се објават јавно

Архивска фотографија- поранешниот премиер Никола Груевски пред Основен суд Скопје 1

Поранешниот премиер Никола Груевски, кој доби азил во Унгарија, на својот официјален профил на социјалната мрежа Фејсбук денеска негираше каква било инволвираност во настаните кои се случија на 27 април 2017 во Собранието.

“Ниту сум организирал, ниту сум дал согласност некој да организира насилен упад во Парламентот и физичка пресметка со пратеници. Напротив, прв од сите политичари веднаш штом дознав побарав смирување на состојбата преку социјалните мрежи бидејќи тој и претходниот ден бев на пат во Виена”, напиша Груевски.

Тој го повикува Основното јавно обвинителство да ги објавеле јавно доказите против него, “пред цел народ и пред цела јавност”, прашувајќи како од позиција претседател на ВМРО-ДПМНЕ можел да влијае врз тогашниот заменик министер за внатрешни работи Агим Нухиу или кој било друг функционер во МВР.

“Ако обвинувате некого за организирање упад во парламентот и физичка пресметка на пратеници и уште тоа го нарекувате тероризам и барате казна од најмалку десет години затвор, тогаш за тоа се потребни цврсти, недвосмислени и силни докази и секако нивно јавно презентирање”, пишува Груевски.