На едно место услуги од 10 институции

Шалтер за лични документи.

Услуги од 10 институции на едно место од денеска им се на располагање на скопјани. Во поранешната зграда на Комерцијална банка е отворена сала за јавни услуги со што Министерството за информатичко општество
и администрација го почна проектот „Една точка за услуги“ преку кој во иднина ќе отвори канцеларии со таква намена и во останатите градови.

На едно место ќе може да се добијат услуги од министерствата за внатрешни работи, за труд и социјална политика, за транспорт и врски, управите за јавни прходи и за водење на матичните книги, агенциите за катастар на недвижности и за вработување, фондовите
за пензиско и инвалидско осигурување, за здравствено осигурување и од Централниот регистар.

Принципот на двосменско работење воведен од пред неполни две години, е воспоставен и тука и ќе се работи до 19:30 часот. Има и точка за информации, каде граѓаните ќе можат да се консултираат за сите прашања.

Ресорниот министер Дамјан Манчевски на отворањето на салата истакна дека таа е дел од активностите за реформа на јавната администрација со цел на граѓаните да им се испорачаат поефикасни и поквалитетни услуги.