Два дена откако го објави видеото специјални полициски агенти со црни маски, влегле во неговиот дом во сиромашниот кварт Ла Вега во Каракас, го извлекле надвор и го убиле.
Убиството на 29-годишниот Годој е дел од острите мерки на режимот на претседателот Николас Мадуро за да се внесе страв кај младите демонстранти во сиромашните населби на Венецуела.
Токму таму расте противењето спрема Мадуро.
Најмалку 43 лица загинале во протестите што започнаа на 23 јануари, кога Хуан Гваидо, шеф на Конгресот контролиран од опозицијата, се прогласи за привремен претседател на земјата која се соочува со хиперинфлација и недостиг на храна и лекови.
Групите за човекови права велат дека некои од убиствата биле извршени од ФАЕС, елитна единица командоси формирана во 2017 година за операции против бандите.
Активистите сметаат дека сега тие дејствуваат против незадоволните млади луѓе во сиромашните квартови.
„Владата генерира тероризам“, вели Рафаел Ускатегуи, генерален координатор на групата за човекови права,ПРОВЕА.
„Ние зборуваме за ситуација која за главна цел има заплашување, создавање тероризам, создавање страв кај населението, акција која може да се квалификува како државен тероризам. Дејства надвор од законот за да се всади страв кај населението, бидејќи владата знае дека постои мнозинство кое е незадоволно од остварувањата на владата, тоа е огромно“.
Оваа група забележала 35 смртни случаи само во текот на една недела во јануари, најмногу ноќе, во сиромашни населби.
Роднината на Годој, Марвелс Паредес, вели дека кога агентите влегле во куќата на семејството, мајка му го видела нејзиниот син претепан како молел за својот живот.
Неколку минути подоцна, слушнала два истрела.
„Моравме за време на погребот да го држиме покриен, бидејќи тој беше непрепознатлив. Ние не знаевме дали тоа беше тој“.
Меѓу оние што загинаа кога избија протестите бил и 19-годишниот Ник Самуел Оропеза.
Неговото семејство вели дека последен пат бил виден жив, како бега заедно со другите демонстранти низ улиците на Лас Адџунтас, кварт на Каракас во моментот кога полицијата отворила оган врз луѓето кои ги блокирале улиците со канти за ѓубре.
Повеќе од 700 противници на Мадуро се уапсени за време на последните протести на опозицијата за соборување на социјалистичкиот водач.