Пет институции ќе ги утврдуваат причините за автобуската несреќа кај Ласкарци

Архивска фотографија- излетан автобус на патот Скопје - Тетово

Заради координација и поголема динамика во постапувањето на сите надлежни институции при утврдување на причините за автобуската несреќа што се случи на автопатот Скопје-Тетово, кај село Ласкарци, во Основното јавно обвинителство Скопје денеска се одржа работен состанок на претставници од надлежното обвинителство, Министерството за внатрешни работи, Бирото за судски вештачења, Машинскиот факултет во Скопје и на Институтот за судска медицина, криминалистика и медицинска деонтологија.

Основното јавно обвинителство денеска почнало со испитување на очевидците на настанот, а во текот на неделава ќе даде и возачот на автобусот.

“Од Министерството за внатрешни работи до Обвинителството денеска е доставени скицата, фотодокументацијата и други писмени прилози во поглед на сообраќајната несреќа, а во текот на денот ќе биде доставен и записникот за извршениот увид на местото на настанот”, се наведува во соопштението од Јавното обвинителство.

Претходно, обвинителството изготвило наредби за обезбедување други писмени докази од правното лице „Дурмо турс“ – сопственик на автобусот, како и од ресорните министерства за транспорт и врски и за внатрешни работи.

Исто така,информираат од обвинителство, биле побарани листинзите од мобилниот телефон на возачот, а за самиот телефон била изготвена наредба за вештачење.