Албанскиот Парламент го ратификуваше пристапниот Протокол за членство во НАТО

Албанскиот Парламент со 130 гласа „за“ го ратификуваше пристапниот Протокол за членството на Република Северна Македонија во НАТО. Пленарната седница на Собранието на Република Албанија почна со едноминутен молк во знак на жртвите од сообраќајната несреќа кај Ласкарци. На седницата присуствуваa и претседателот на македонскиот Парламент, Талат Џафери и амбасадорот Данчо Марковски.

Спикерот Грамоз Ручи изрази задоволство што албанскиот Парламент е меѓу првите парламенти што го ратификува овој протокол и дека Северна Македонија поминала низ многу предизвици до овој момент.

"Ми претставува задоволство што Собранието на Република Албанија е меѓу првите парламенти што го ратификуваат овој протокол кој ќе овозможи пристап на Северна Македонија во НАТО. Овој голем чекор беше овозможен преку Преспанскиот договор. Парламентите на двете земји покажаа голема политичка одговорност, разбирајќи дека недоразбрањето го чуваше во заложништво пријателството меѓу двете земји, како и евроатланскот пат на Северна Македонија", рече Ручи.