Домаќини на дводневната конференција се американскиот државен секретар Мајк Помпео и шефот на полската дипломатија Јацек Чапутович.
Помпео, изложувајќи ја агендата за конференција оцени дека премногу долго Блискиот исток претставува закана за глобалниот мир.
„Ова е глобална коалиција која е изградена за да ја исполни важната мисија за намалување на ризикот што произлегува од Блискиот Исток премногу долго“.
Шефот на полската дипломатија Чапутович пак, нагласи дека е неопходна соработка меѓу Соединетите држави и Европската унија за стабилизирање на Блискиот исток.
„Сама по себе Европската унија не носи доволно политичка тежина за да се обиде вистински да влијае на ситуацијата на Блискиот Исток“.
Техеран оцени дека состанокот на кој ќе учествуваат претставници од 60 земји претставува непријателски чин и ја предупреди Варшава на соодветни последици.
Иранскиот министер за надворешни работи, Мохамед Џавад Зариф конференцијата ја оцени како „очаен анти-ирански циркус“.
Поради тоа што фокусот на собирот во Варшава е ставен врз Иранклучните официјални претставници на Европската унија, вклучувајќи ја и шефицата за надворешна политика, Федерика Могерини, неволно гледаат на оваа конференција, бидејќи Унијата работи на зачувување на нуклеарниот договор со Иран, од кој Соединетите држави се повлекоа во минатата година.
Пред заминувањето за Варшава израелскиот премиер Бејамин Нетанјаху оцени дека станува збор за собир против иранската агресија.
„Тоа е многу важна конференција. Тоа е конференција која ги обединува САД и Израел и многу земји во светот и многу земји во регионот, арапските земји, против иранските агресивни политики“.
Меѓу учесниците на конференцијата се и американскиот потпретседател Мајк Пенс, како и Џаред Кушнер, советник и зет на американскиот претседател Доналд Трамп.