Русија ја распоредила својата контроверзна ракета 9М729 на повеќе локации од што се мислеше претходно, објави германскиот весник Франкфуртер алгемајне зонтагцајтунг(ФАЗ). Цитирајќи неименуван западен разузнавачки извор, весникот денеска објави дека еден ракетен баталјон е распореден во Моздок во Северна Осетија и еден во Шуја во близина на Москва. Претходно се знаеше за вакви ракети на полето за ракетно тестирање Капустин Јар во јужна Русија и во Камишлов, источно од Екатеринбург, наведува весникот.
САД на 2 февруари соопштија дека се повлекуваат од клучниот договор за ограничување на нуклеарното оружје од Студената војна, поради тоа што сметаат дека руската ракета 9М729, позната и како ССЦ-8 е прекршување на договорот.
Русија ги негира обвинувањата и исто така соопшти дека се повлекува од Договорот за нуклеарни сили со среден дострел од 1987 година, кој им забранува на двете земји да развиваат, произведуваат и распоредуваат крстосувачки или балистички проектили кои се лансираат од копно, а кои имаа дострел меѓу 500 и 5500 километри.
Според ФАЗ, секој од руските баталјони со 9М729 има по четири лансирни рампи на тркала, а секоја има по четири ракети. Тоа значи дека Русија има најмалку 64 такви ракети, кои може да бидат вооружени со конвенционални, но и со нуклеарни боеви глави.
Досегот на овие ракети е 2350 километри и може да погодат цели во источна и во северна Европа, објави весникот. Со придвижувањето на овие системи, под опасност би била цела Европа, освен Португалија.
Русија тврди дека досегот на ракетите е 480 километри.