Владимир Георгиев, Софка Пејовска Дојчиновска, Катица Николовска, Нури Бајрами, Билјана Ивановска, Горан Трпеноски и Шемши Салаи се седумте прворангирани кандидати за членови во Државната комисија за спречување корупција. На страницата на Собранието на Република Македонија вечерва е објавена ранг листата со бодовите на 56-те кандидати.
Во комисијата предвидено е да има седум члена, а утре на дневен ред на собраниската комисија за избори и именувања е "утврдување на предлог - листата за именување на претседател и членови на Државната комисија за спречување на корупцијата".
Првпат кандидатите за членови на комисијата беа интервјуирани од посебно формирана собраниска комисија во која членуваа и претставници на граѓанскиот сектор. Интевјуата беа отворени за јавноста и ќе бидат емитувани на собранискиот канал.