Обвинителството не нашло виновник за бегството на Груевски

Меѓународна потерница за Никола Груевски

Основното јавно обвинителство соопшти дека досега нема утврдено дека службени лица помогнале или учествувале во организирањето и реализацијата на бегството на осудениот поранешен премиер Никола Груевски.

„Надлежниот обвинител сослуша вкупно 56 лица, од кои 28 полициски службеници од граничните премини, шестмина членови на обезбедувањето на осуденото лице Никола Груевски, пет службени лица од Министерството за внатрешни работи и 17 други лица. Досега обезбедените докази упатуваат на заклучок дека имало одредени пропусти во постапувањето на надлежните институции, кои не претставуваат кривично-правно дејствие и не се во надлежност на Јавното обвинителство“, се вели во соопштението на ОЈО.

Според ОЈО, биле издадени наредби за одземање на снимките од камерите во повеќе хотели и други објекти, камерите на патот кон Шпиље и Дебар, аеродромот во Скопје, како и од сите гранични премини кон Албанија. Од Интерпол е доставена информација во којашто се вели дека не постојат податоци дека Груевски излегол од Македонија преку ниту еден граничен премин во критичниот период.