Дуковски: Кој си добил амнестија нека биде среќен

Поранешниот министер за внатрешни работи, Митко Чавков

Адвокатот на обвинетиот поранешен министер за внатрешни работи Митко Чавков, Сашо Дуковски денеска во завршните зборови во Судот за насилството на 27 април во Собранието побара ослободителна пресуда за својот клиент посочувајќи дека тој е невин. Тој изјави дека проблемот е во тоа што обвинителството кокетира со две дејствија на извршување, едното е дека народот влегол во Собранието затоа што од претходно знаеле дека нема да има доволно обезбедување, а во понатамошното обвинение тврди дека не можел народот да влезе без лицето кое е амнестрано Крсто Муковски да им ги отвори вратите.

„Законот за амнестија важи иако беше селективен, јас немам проблем што некој е амнестиран. Ние не побаравме амнестија затоа што сакавме да се докажеме во судска постапка. Кој си ја добил амнестијата нека биде среќен“, изјави Дуковски по завршните зборови.

Дуковски тврди дека Обвинителството нема доволно докази и дека Чавков не е виновен за делото за кое е обвинет со, како што вели, наводното непостапување. Во однос на базните станици според чии податоци во обвинението е наведено дека Чавков се наоѓал во штабот на ВМРО-ДПМНЕ Дуковски истакна дека тоа не е цврст доказ затоа што нивната покриеност е со големина од половина центар на Град Скопје.

Тој од судот побара ослободителна пресуда, но пред медиумите изјави дека неговите очекувања за исходот од судската постапка ќе си ги задржи за себе.