Албанската полиција без конкретен одговор за снимките за бегството на Груевски

Илустрација- Меѓународна потерница за Никола Груевски

Генералниот директор на албанската полиција Арди Велиу одби да одговори на интересот на албанските новинари во врска со изјавата на македонскиот државен јавен обвинител Љубомир Јовевски дека албанските власти не ги доставиле снимките од камерите за бегството на поранешниот премиер Никола Груевски и оти тие наводно се избришани.

“Предмет на прес-конференцијата не е тоа прашање. Ние немаме информации за ова прашање”, изјавил Велиу, пренесе тиранската телевизија Ора њуз.

Прес-конференцијата одржана во Тирана беше посветена на големата акција во која беа уапсени 32 лица меѓу нив и полициски службеник, кои се занимавале со недозволена трговија со луѓе од Албанија кон западно-европските земји и САД.

Минатиот месец државниот јавен обвинител Љубомир Јовески рече дека снимките кои Албанија требаше да ги достави до Македонија за бегството на поранешниот премиер Никола Груевски не се доставени до македонското обвинителство, затоа што биле избришани.