Заев најави бришење на долгови за струја

Постои волја од Владата, ЕЛЕМ и ЕВН да избришеме долгови за струја во вкупен износ од 110 милиони евра на 200.000 граѓани и семејства, најави премиерот Зоран Заев на денешната трибина во Охрид.

„Разгледавме ситуација за стари долгови за струја до 2006 година за 200.000 семејства и граѓани кои се заглавени во вакви лавиринти на извршители и блокирани сметки. Овие денови сме во длабоки преговори, волјата денеска можам слободно да ја соопштам, кога правно формално ќе го потпишеме договорот јавно ќе соопштиме. Но, волјата од Владата за преземање на своите дејствија е нотирана, и од ЕЛЕМ како партнер во производството на струјата е потврдена, и волјата на ЕВН како приватна компанија исто така е потврдена. Намерата е да избришеме долг на граѓаните од 110 милиони евра. Тоа се огромни пари и ќе биде големо олеснување за граѓаните. Сите мерки коишто ги спроведуваме се во насока на било кој начин да вбризгаме пари кај граѓаните“, изјави Заев.